Гласен Синдикат на работниците е основан на 1 Март 2024 година во Штип. Првично е основан во неколку текстилни компании од источниот регион.
Гласен Синдикат е синдикат кој е основан од страна на Здружението за заштита на работнички права Гласен Текстилец – Штип.
Гласен Синдикат има за цел да ги заштити работничките права и заштита на самите работници од целиот приватен сектор.
Зошто Гласен Синдикат?
Затоа што конечно е Синдикат кој ќе се грижи целосно за подобра заштита на работничките права кои во денешницата за жал се се повеќе загрозени и прекршени. Затоа што е Синдикат кој конечно се залага за подобар ден сега и за подобро утро во иднина на работниците, бидејќи работниците се столбот на едно општество без нив општеството е празно и нецелосно. Гласен Синдикат затоа што е навистина „гласен“ кога станува збор за работниците, за нивните права, за сите прекршоци настанати за време на работа, за сите неправди нанесени на работникот, за сите непреспиени ноќи на работникот кој го држат во неизвесност за утрешниот ден и за сите неправди зададени кон работникот. Гласен Синдикат затоа што ќе се бори за измена на „лошите “закони кои штетат на работникот како и за донесување на подобри законски решенија и регулативи и подобри колективни договори.
Зошто баш во Штип е формиран?
Затоа што Штип познат како градот под Исарот, не треба да занемариме и дека е познат како и по градот на текстилот, па затоа токму од овде започна синдикалното патување на Гласен Синдикат.
А, зошто?
– Затоа што има многу текстилни компании, многу текстилни работници на кои им е потребна нашата помош како Синдикат, еден Синдикат кој е најгласен до сега во Македонија и кој секогаш ќе биде гласен кога станува збор за работникот и правата на работникот во државата. Овој Синдикат е поинаков, ендемски е во смисла на постапувањето досега за разлика од сите останати кои за жал само ветуваат подобри услови за работниците но во пракса не ги исполнуваат. Ако Штип е градот на текстилот, тогаш со сигурност и работниците заслужуваат да имаат ваков тип на Синдикат кој гордо, несебично и достоинствено ќе се бори за подобар живот, подобра плата и подобро утро на секој работник во приватниот сектор.