ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПРАТЕНИЦИТЕ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ПЕТТИОТ СЕТ МЕРКИ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР.

Предмет: Известување за состојбите од терен.

Почитувани,

Ви се обраќаме како активисти за работнички права и работници од текстилната индустрија  кои од 2017 година го оформија здружението “Гласен Текстилец” од Штип.

Оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19,  удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудо-интензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители. Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеци, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства.

Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за месеците Февруари и Март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на  немилост.

Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се приморани да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа  значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење.

Во ниеден момент ова не претставува одлика на една  социјална држава каква треба да бидеме согласно нашиот Устав.

Бараме за време на привремена спреченост од работа (боледување) поради Ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок на плата во целосен износ, односно 100%. Потребата од ваквото барање несомнено произлезе поради тоа што граѓаните се соочени со егзистенцијални проблеми, посебно оние од приватниот сектор поради лекувањето и лекарствата чии цени се значително зголемени, а приходите на работниците и надоместокот од 70% за време на боледување не се доволни за тие да ги подмират трошоците за лекување на болеста. Не смееме да си дозволиме да немаме платено здравствено осигурување, особено во време на здравствена криза. ФЗОМ не смее да ги остави граѓаните да ги плаќаат прегледите, терапиите за себе и своите деца на приватно.

Нехумано е од страна на пратениците, што ги ставаат личните и партиските интереси пред интересот на граѓаните кои се најранливата категорија во оваа здравствена и социо-економска криза со пандемијата. Особено бидејќи вие треба да сте гласот на народот, вие треба да ги барате овие итни и неодложни потреби и ги истакнувате проблемите на оние поради кои ја имате оваа функција. Бидејќи благодарение на истите, вие имате редовна, висока плата, право на платено здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа. Не се соочивте со доцнење на плати, со незаконски откази и намалена плата.

Не ве замолуваме, туку БАРАМЕ од вас како пратеници, народни избраници,  да престанат овие политички препукувања во ова Собрание кое се нарекува народен дом, и да го ставите интересот на народот пред секоја политичка цел бидејќи работниците и работничките очекуваат од вас да го изгласате овој сет на мерки, бидејќи е неопходен за нормално функционирање на секоја човечка индивидуа.

Дополнително, да ги разгледате и другите барања доставени во ова писмо и барате донесувања и измени на закони кои ќе овозможат редовна  исплата на плата, следење на злоупотребите од страна на одредени работодавачи преку првите 4 сета на мерки, помош за оние кои останале без работа, 100% платено боледување поради Ковид-19 и право на здравствено осигурување на секој еден граѓанин. Дополнително, извршителите, банките, јавните и приватни претпријатија продолжуваат да работат, сметките и кредитите мора да се подмират, но тоа е невозможно доколку оваа криза секој ден ги остава луѓето без егзистенција. Мораториум за наплати и побарувања мора да има, па затоа ова барање е повеќе од неопходно.

Она што е недозволиво е да се продолжи со неконструктивни препукувања и во последно време, националистички реторики. Бидејќи и македонци, и албанци, и бошњаци, и турци и роми, се ставени во незавидна положба, бизнисите пропаѓаат а граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми.

Тоа е најмалку што можете да направите за вашата држава и вашиот народ. Бидејќи тој народ, граѓаните,   ви ја дале поддршката да ги браните нивните интереси. Тоа и само тоа е вашата улога во ова Собрание.

Со почит,

Кристина Ампева

Претседателка на ЗЗРП ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ – Штип.

Blagojche Dishoski

Finance Coordinator

Related Post