Недела неработен ден е класична манипулација

Здружението за заштита на работнички права Гласен Текстилец од Штип, беше иницијатор недела да биде неработен ден.

Моменталното законско решение се носи зад затворени врати, без никаква јавна расправа и вклучување на стручната јавност која е неопходна при донесување за едно вакво важно законско решение.

Во однос на предлог законот за измена и дополнување на Законот за работни односи во делот на недела неработен ден, Гласен Текстилец стои цврсто на ставот дека вакво законско решение не смее да биде донесено.

Имено, при донесување на првата нацрт-верзија на измените на Законот за работни односи беа опфатени 34 дејности кои ќе работат во недела, а во поднесените последни измени пред Комисијата за труд и социјална политика, се опфатени 41 дејност и сметаме дека се наведени дејности за кои не е неопходно работење во недела.

Гласен Текстилец децидно бара недела да биде неработен ден за сите освен за дејности кои се од витален карактер, како здравство, полиција, одбрана. Бараме трговските центри, рудниците и останатите дејности кој се наведени во самите законски измени да НЕ РАБОТАТ бидејќи нивната дејност сама по себе не е неопходна за работа во недела.

Во самите законски измени има празнина во делот на дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности, а кои ќе се уредуваат со посебен правилник од страна на Министерот за труд и социјална политика во рок од 60 дена по донесување на законот. Во тој правилник повторно можат да бидат додадени дејности, по притисок од капиталот, кој очигледно ги крои законите во нашата држава. Намерно се оставаат правни празнини во законското решение кои би се прецизирале во правилник во кој не смее да се регулира материја која треба да се реши со закон, а не со подзаконски правен акт.

Гласен Текстилец бара работниците кои ќе работат во недела да имаат задолжително користење на слободен ден во неделата, бидејќи тоа е Уставно загарантирано право.

Пренесувањето на правото на користење на слободен ден во текот на наредната недела го губи правото на неделен одмор во тековната недела.

Предложените законски измени имаат низа на аномалии бидејќи за работа во недела е предложено работникот да добие додаток на работа од 50 %, за кое ние како Здружение сметаме дека треба да изнесува минимум 100%.

Во делот на прекршочната постапка, сметаме дека при прекршување на законските одредби од страна на работодавачите за недела неработен ден, забраната за работа да се однесува на целокупното работење на работодавачите, а не само во работниот простор или работна просторија каде е утврдена неправилноста.

Како здружение упатуваме загриженост од ова уназадување на работничките права. Со децении наназад, сведоци сме дека не се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата на вработените, нивниот труд не се евидентира и не се исплаќа прекувремена работа, работа на празник, работа во ден на неделен одмор. Воедно во време на здравствено економска криза предизвикана од пандемијата, бевме сведоци и на злоупотреби на државни средства наменети за исплата на плати, а институциите беа неми и глуви на такви кривични дела и злоупотреба на народните пари.

Сведоци сме и на постојани откази, на нови невработени лица, на не исплаќање на плати и придонеси од плати и работниците за време на здравствена криза се оставени без здравствено осигурување. Ова не доликува за една правна држава, држава која по Устав треба да е социјална и која претендира да биде членка на Европската Унија.

Ова законско решение не претставува никакво подобрување на работнички права, туку ново уназадување на работнички права на работниците.

Бараме ова законско решение да биде повлечено од собраниска процедура и вратено на повторна доработка во која ќе биде вклучена стручната фела и претставниците на работниците-синдикати и здруженија за работнички права. Апелираме дека работодавачите и капиталот не смеат да ги кројат законите во нашата држава, судбините на илјадници работници и нивните семејства, ниту пак имаат право да ги одземааат уставно загарантираните права на нашите работници и работнички.

Blagojce

Related Post

Leave A Comment

Name

Website

Comment