ЕЛЕКТРОНСКА АДРЕСА

Info@glasentekstilec.mk

ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ

075316109

АДРЕСА

Сутјеска 59, Штип

Презентација на: ИСТРАЖУВАЊЕТО ЗА НАЧИНОТ, ОПСЕГОТ И ВЛИЈАНИЕТО НА ВОЗНЕМИРУВАЊЕТО ВРЗ ЖРТВИТЕ НА МОБИНГ

Денес го презентиравме „Истражувањето за начинот, опсегот и влијанието на вознемирувањето врз жртвите на мобинг“, во рамките на завршната конференција, организирана од Гласен Текстилец – Штип.

Свои излагања имаа: Кристина Ампева, од Гласен Текстилец, Маја Ристова, авторка на истражувањето и адвокатка, Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика, Фросина Серафимовска од Државниот инспекторат за труд и Тања Иванова од Реактор – Истражување во акција. Деталната агенда е достапна тука.

Едно од уставно загарантираните права на граѓаните на Република Северна Македонија е и правото на слободен пристап до работа, кое право е во корелација со правото на работникот да биде заштитен од секаков вид на вознемирување на работното место.
Правото на заштита на работникот од вознемирување на работното место во нашето законодавство е регулирано со Законот за заштита од вознемирување на работно место, донесен во јуни 2013 година. Целта поради која истиот се донесе е „спречување и заштита од психичко и полово вознемирување на работното место”, односно местото на работа и обезбедување на здрава работна средина” (Член 2 од овој Закон).

Законот за заштита од вознемирување на работно место, разликува два вида на вознемирување на работно место: „Психичко вознемирување на работно место и полово вознемирување на работното место“. Согласно член 5 став 1 од Законот, „психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место”. Согласно член 5 став 2 од Законот “Полово вознемирување, во смисла на овој закон, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.”

Со цел истражување на „терен” за состојбата во оваа област, Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец”, започна со работа на проектот „Пријавете мобинг, не молчете, не сме родово еднакви со мобинг”, проект поддржан од Реактор – Истражување во акција и нивните партнери, преку акцијата „Унапредување на родова еднаквост преку процесот на пристапување на ЕУ”. Во рамките на овој проект беше ангажирана експертката Маја Ристова за да спроведе истражување како би се востановил начинот, опсегот и влијанието на вознемирувањето врз жртвите, односно, врз лицата на кои е вршено вознемирување.
Поконкретно, ова истражување се состои од квантитативен дел, односно, истото е спроведено преку користење на техника на собирање на податоци на хартија, на примерок од 986 испитаници. Квантитативниот дел беше спроведен во периодот од 01.07.2022 – 01.08.2022 година.

Извештајот ги вклучува прегледот на клучните наоди, детална анализа по тематски секции и прашања, опис на користената методологија, структура на примерокот и инструментите (структуриран прашалник за квантитативниот дел).


Клучни наоди:

Истражувањето е спроведено врз 986 испитаници/чки вработени во приватниот сектор, а претежно во текстилната индустрија. Во овој извештај е важно да се спомене дека анкетарките кои го спроведуваа ова истражување се препознати од страна на целните групи, се дел од тие работни средини, а анкетирањето се спроведуваше надвор од работните простории на работодавачот.

За ова истражување беше важно да се види застапеноста на мобингот на работното место особено во приватниот сектор и текстилната индустрија, дали работниците/чките го препознаваат мобингот, но и дали ги знаат и ги користат постоечките механизми за заштита од мобинг.

На прашањето дали испитаниците се информирани од страна на работодавачот што е мобинг и дали воопшто знаат што е мобинг, 75% од нив истакнале дека не се информирани што е мобинг, но сепак 90% од испитаниците одговориле дека знаат што е мобинг. Меѓутоа, доколку се погледне како испитаниците дале одговор и како го дефинирале мобингот, ќе се заклучи дека од 90% кои мислат дека знаат што е мобинг, само 76% испитаници навистина знаат што точно се подразбира под поимот мобинг. 

На прашањето дали некогаш сте биле жртва на мобинг испитаниците одговориле позитивно во 66%, а дури 53% од овие 66% испитаници одговориле дека се вршел од страна на претпоставен или претпоставен колега. 94% од испитаниците точно знаат да го препознаат мобингот, односно начинот на кој истиот се врши, па така дале соодветен опис на прашањето- “на кој начин ви се вршеше мобинг?” Поради тоа што согласно закон, предвиден е период од најмалку 6 месеци континуитет за да може да се смета дека на работникот му е вршено мобинг, беше поставено прашање колку време траел мобингот, при што 38% од испитаниците одговориле дека мобингот траел повеќе од 6 месеци, понекогаш дури и со години, а 37% дека се вршел помалку од 6 месеци. 85% дале одговор дека имаат докази за тоа. 

Во однос на преземени или непреземени мерки, испитаниците одговориле: 

  • 64% дека преземале мерки за заштита 
  • 51% преземањето на мерките им помогнало во позитивно решавање на случајот 
  • 69% преземањето на мерките им донело понеповолни услови од претходно 
  • 28% вклучиле адвокат, синдикат, невладина организација за помош на случајот 
  • 10% иницирале судска постапка 
  • 4% не им донело негативни последици по работата 
  • 70% немаат доверба дека судската постапка може да заврши во нивна корист. 

На прашањето дали тоа што трпевте мобинг влијаеше на вашето здравје/односот со фамилијата и пријателите 84% од испитаниците кои трпеле мобинг одговориле позитивно ,односно,  дека имале нарушено здравје. 

На прашањето дали сте биле сведок на мобинг и ако да дали и што направивте во тој случај, 65% одговориле дека биле сведоци на мобинг, од кои што 17% не преземеле ништо, а 68% понудиле совет и разговарале со колегата. Во однос на прашањето дали би сведочеле доколку ваш колега трпи мобинг 29% од испитаниците одговориле дека не би сведочеле, а една од причините која ја наведуваат е страв да не го изгубат работното место.  

И за крај, 53% од испитаниците одговориле дека не знаат како да се заштитат од мобинг. 

Истражувањето во целосна форма, можете да го погледнете во продолжение:

Проектот „Пријавете мобинг, не молчете, не сме родово еднакви со мобинг“, имплементиран од Гласен Текстилец е поддржан од Реактор - Истражување во акција и нивните партнери преку акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“. Акцијата е финансирана од Европската Унија и ко-финансирана од Шведска. Овој документ е создаден со финансиска поддршка на Европската Унија, ко-финансиран од Шведска. Содржината е единствена одговорност на Гласен Текстилец и не ги одразува ставовите на Европската Унија или Шведска.
Scroll to Top