„Текстилијада“ е годишен настан кој сега е во својата осма година.
Настанот е посветен на поттикнување дискусии на локално и на национално ниво. Преку медиумите, културата, уметноста, дебатите и другите настани, имаме за цел да изградиме партнерства и да поттикнеме социјален дијалог за справување со итни општествени прашања, особено оние кои влијаат на работниците, работничките и младите луѓе.
Нашиот настан комбинира социјални и уметнички елементи дизајнирани да ги инспирираат младите луѓе, работниците и работничките активно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кои влијаат на пошироката заедница. Настојуваме да ја подигнеме свеста за важноста на застапувањето за правата на работниците, охрабрувајќи ги учесниците и учесничките да излезат од нивните комфорни зони и да ја прифатат општествената одговорност. Да ги здружиме силите за да поттикнеме суштински промени кои водат до посветла иднина и подобри услови за живот за сите.
Историски гледано, работниците и работничките биле составен дел од културните настани, значително обликувајќи ја културата на нивните работни места. Меѓутоа, денес тие често се наоѓаат маргинализирани, културно и социјално исклучени.
Овогодинешната тема „Различни насоки, иста цел“ има за цел да ги нагласи различните пристапи што ги преземаат здруженијата, синдикатите, институциите и властите на локално и национално ниво за подобрување на работните услови и правата на работниците и работничките. Дополнително, ќе ги нагласиме општествено одговорните модни брендови, компании, работодавачи/чки и организации кои се стремат да ги подобрат работните процеси и продуктивноста на работниците и работничките. И покрај различните методи, единствената цел останува да се создадат подобри услови и посветла иднина за сите. Без отворен дијалог и заедничко дејствување, оваа цел ќе остане недостапна.
Во светло на неодамнешните политички промени во Македонија, се очекуваат промени на раководните позиции во министерствата и во институциите. Ова покренува прашања за иднината на соработката, почитувањето на меѓународните договори и почитувањето на потпишаните конвенции.
На позитивна нота „Текстилијада 8“ ќе ги прослави и успешните приказни за соработка на локално, национално и меѓународно ниво. Овие приказни служат како вредни лекции, нудејќи приказ на нашите слабости, но и достигнувања. Придружете ни се додека учиме, соработуваме и работиме кон поинклузивно и правично општество.
Нашата крајна цел, овозможена преку Културно-уметничкиот центар „Текстил“ – Штип, е да поттикнеме активно граѓанско учество. Се стремиме да ги ставиме во центарот на вниманието дискусиите и на локално и на регионално ниво, охрабрувајќи партнерства и иницирајќи социјален дијалог за најгорливите прашања во нашето општество, сè со цел да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани.
! Важно: локациите се напишани во агендата.
Програмата е достапна на линкот: https://glasentekstilec.mk/wp-content/uploads/2024/10/Agenda-Tekstilijada-8-2024-MК-1.pdf
Тhe program is available on the following link: https://glasentekstilec.mk/wp-content/uploads/2024/10/Agenda-Tekstilijada-8-EN.pdf