📢 Првомајски говор на Кристина Ампева, претседателка на #ГласенСиндикат, кој е дел од Сојуз на синдикати – 5та СИЛА
Почитувани другари и другарки, почитувани браќа и сестри синдикалци, почитувани медиуми,
На сите денес присутни, тука, ви честитам за храброста.
Им честитам и на сите синдикати кои денес покрај сите свои различни гледишта се обединија во единствената легитимна борба која треба да ја води еден синдикат, а тоа е борбата за повисока плата.
Исто така, сакам да ги поздравам и сите синдикати кои денес не собраа храброст да застанат тука со нас во страв да не денешниот протест нешто им смени во нивното умилкување па вчера си правеа 1 Мај. И, сакам да им порачам срам да ви е, се срамам и за вас.
Денес не е ден во кој ние протестираме против Владата, ние денес го славиме празникот заедно со работниците и бараме од Владата повисоки плати. На народот му е доволно од синдикалци во одела кои ги распродаваат нивните права и на кои главната цел им е да седнат во нечиј политички скут.
Оваа борба која денес ја водиме нема партиска боја, нема ни синдикално лого, има само една цел – а тоа е повисока плата за работниците.
500 евра одамна не се луксуз, туку сума за достојна живеачка.
Станавме земја со нијнизок стандард, највисока инфлација која ги изеде работничките плата, станавме земја со нијниска плата.
Земја во која нашите функционери и политичари од апсолутно сите политички партии земаат 79% покачена плата, земаат секакви додатоци и патни трошоци. Истите тие ни кажуваат дека е доволно ова усогласување и зголемување на платата од 1.800 денари. Која иронија. Луѓе со 2.000 евра плата им кажуваат на работниците дека е доволна платата од 24.000 денари.
Не разбираат дека да не се работниците и даноците кои ги плаќаме, ќе нема за никој. Од ваквото неценење на трудот на работниците од страна на работодавачите, младите се исселуваат, но и цели семејства бидејќи сакаат да живеат во држава во која ќе имаат здравство,, правда, образование, платени работни места, плата за живот а не за преживување. Ветувам дека ова е само еден од многуте протести кои ќе ги има доколку нашите политичари не најдат за сходно да ги применат политиките макар од регионот, каде се покачија платите на работниците бидејќи најважен е стандардот на граѓаните, на семејствата. Бидејќи сите во регионот разбраа дека без работничката класа, нема даноци, нема пензии, нема плати, нема економија. Бидејќи работниците се оние кои ја движат економијата.
Нека е честит 1 Мај. Денот на работничкиот труд!
