Десет години борба за работнички права, култура, солидарност и промена се собрани во јубилејниот алманах „Од молк до глас – 10 години Гласен Текстилец“.

Изданието е создадено по повод десетгодишниот јубилеј на „Гласен Текстилец“ и десеттото издание на „Текстилијада“ и претставува ретроспектива на патот што започна со една едноставна, но силна потреба – текстилните работнички и работници да бидат слушнати.

Од иницијатива создадена како реакција на ниските плати, неплатената работа, прекршувањето на работничките права и лошите услови за работа, „Гласен Текстилец“ во изминатата деценија прерасна во организација која обезбедува бесплатна правна помош, ги застапува работниците пред институциите и судовите и активно учествува во креирањето на јавните политики. 

Низ страниците на алманахот се прикажани дел од најважните моменти од оваа десетгодишна приказна – протести, работнички борби, правни случаи, теренска работа, едукации, партнерства, уметнички акции и иницијативи кои оставија трага во Штип и пошироко.

Посебно место има „Текстилијада“, која од своето прво издание во 2017 година ги поврзува работничките права со културата и уметноста. Преку дебати, изложби, театар, литература, фотографии, мурали и јавни акции, работничките приказни излегоа од фабричките хали и станаа дел од јавниот простор. 

Десет изданија подоцна, темите се многу пошироки – од плата за живот и синдикално организирање, до родова еднаквост, социјален дијалог, модернизација на приватниот сектор и иднината на трудот.

Јубилејот, сепак, не е само поглед наназад. Тој е и потсетник дека борбата не е завршена.

Како што стои и во алманахот, нашата визија останува иднина во која достоинствената плата нема да биде привилегија, синдикалното организирање нема да предизвикува страв, институциите навреме ќе ги штитат граѓаните, а младите нема да мора да заминуваат за да најдат достоинствен живот. 

Пред десет години почнавме да го кршиме молкот. Денес гласот е погласен.