Гласен текстилец најостро ја осудува изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, со која се отвора можноста недела повторно да стане работен ден. Ваквите изјави се директен удар врз стекнатите работнички права и обид за враќање кон практиките на експлоатација на работниците.
Право извојувано со борба
Како едни од иницијаторите за законското решение со кое недела стана ден за неделен одмор, потсетуваме дека ова право не беше подарено од ниту една влада. Тоа беше резултат на долгогодишна борба, истражувања, сведоштва на работници и притисок од граѓанскиот и синдикалниот сектор.
Тезата за „попречено стопанство” е неоснована
Постојното законско решение и онака предвидува бројни исклучоци за дејности во кои работниот процес бара континуитет, како и можност за работа на трговските објекти во туристичките места. Оттука, тврдењето дека недела како неработен ден го оневозможува функционирањето на стопанството е неосновано.
Кој ќе ја плаќа работата во недела?
Особено загрижува аргументот дека на работниците им се ускратува можноста да заработат повеќе преку работа во недела. Се прашуваме во која реалност живее заменик-министерот и дали е запознаен со состојбите во приватниот сектор во Македонија.
Токму поради непостоењето веродостојна евиденција на работното време, манипулациите со одработените часови, неплатената прекувремена работа и неисплаќањето на законски предвидените додатоци за работа на празник, Гласен текстилец беше меѓу иницијаторите за воведување на ова законско решение. Од долгогодишната теренска работа и секојдневната комуникација со работниците, сведочиме дека овие прекршувања се масовна појава во приватниот сектор.
Ако работодавачите не ги плаќаат ниту прекувремените часови, ниту работата на државен празник, врз основа на што заменик-министерот гарантира дека ќе ја плаќаат работата во недела?
Каков „слободен избор” имаат работниците?
За каков слободен избор на работниците зборуваме во услови на економска зависност, ниски плати, притисоци од работодавачите и страв од губење на работното место? Дали работникот навистина ќе има право да одбие да работи во недела без да трпи последици?
Што очекуваме од Министерството
Наместо Министерството за економија и труд да се занимава со укинување на стекнатите работнички права, очекуваме да се занимава со:
- обезбедување достоинствени плати,
- задолжителна и веродостојна електронска евиденција на работното време,
- зајакнување на инспекциските механизми,
- санкционирање на работодавачите кои ги прекршуваат законите.
Доколку навистина постои грижа за економската благосостојба на работниците, зголемете ги нивните плати, наместо да им го одземате единствениот заеднички ден за одмор со нивните семејства. Работниците треба да можат достоинствено да живеат од својата редовна плата, а не да бидат принудени да се откажат од одморот за да обезбедат основна егзистенција.
Работничките права не смеат да бидат предмет на пазарење со стопанските комори. Економскиот развој не смее да се темели на евтина работна сила, неплатен труд и жртвување на приватниот и семејниот живот на работниците.
Порака до јавноста
Гласен текстилец јавно и недвосмислено порачува дека нема да дозволи уназадување на ова стекнато работничко право. Доколку се пристапи кон законски измени со кои недела повторно би станала редовен работен ден, ќе ги повикаме работниците, синдикатите, граѓанските организации и пошироката јавност на масовни протести, мирна граѓанска непослушност и организиран отпор.
Недела ќе остане неработен ден! За ова право се изборивме и повторно ќе се бориме за неговото зачувување!
Работниците не се машини. Нивното достоинство, здравје и право на одмор не се предмет на преговори!

