Низ искуството како граѓанска организација која работи на унапредување на правата и почитување на човековите и работничките права на текстилните работници и работнички, изминатите три години „Гласен Текстилец“ обезбедува правна помош, изготвува барања и приговори за работниците до работодавачи и институции. Исто така, се изготвуваат барања за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд за приватни компании за кои има пријави од вработени дека во конкретна компанија им се ускратуваат права од работен однос. Самото здружение наидува на потешкотии во обезбедувањето на одговори од страна на инспектори од областа на трудот во однос на сознанијата за прекршување на работничките права во приватните фирми.
Во разговори со работници/чки кои се обратиле до „Гласен Текстилец“, преку социјалните мрежи, телефонски или лично во канцелариите на здружението, велат дека се исплашени самостојно да се спротивстават на работодавачите кога им е прекршено некое човеково или работничко право, дека им е страв сами да пријават во надлежна институција и затоа се обраќаат до здружението, пред сè, зашто им е загарантирана анонимноста.
Честопати тие говорат дека не знаат каде да се обратат, немаат доволно информации, страв им е да одат до трудова инспекција поради тоа, како што велат, ќе се знае кој го пријавил работодавачот и ќе останат без работното место и егзистенција. Вообичаено се обраќаат до Општината, Народен правобранител, а за „Гласен Текстилец“ слушнале од социјалните мрежи. Доколку останат без работа, а се обратат за помош до здружението, сакаат да поведат судска постапка но велат „тоа е долг и скап процес, а за обичниот човек нема правда“.
Од 2019 година, во здружението се појави потреба од мониторинг на судски постапки поради барање од граѓани да има присуство од страна на претставници на здружението. Причината која ја наведоа е дека се плашат од притисок во судската постапка.
Поради сите горенаведени причини, направена е оваа анализа, направени се контакти со граѓани од градовите Штип, Делчево, Свети Николе, каде што е направен теренскиот прашалник, а се мониторирани и судски постапки од работен однос кои понатаму се обработени во анализата.

