Ковид-19 кризата имаше сериозни последици врз родовата еднаквост и дополнително ги зајакна постојните родови стереотипи, особено перцепцијата дека грижата за домот и семејството е првенствено обврска на жените.
Во услови на здравствена и економска криза, буџетот има централна улога во справувањето со последиците од пандемијата. Сепак, анализата укажува дека ниту една од воведените мерки не била придружена со соодветна родова анализа, со која би се проценило различното влијание врз жените и мажите.
Поради вонредната состојба и распуштеното Собрание, можностите за надзор и независна проверка на трошењето на јавните средства од страна на јавноста и граѓанските организации беа значително ограничени. Поради тоа, потребно е секоја владина мерка да биде придружена со детална документација за проценката на состојбата, очекуваните ефекти, влијанието врз жените и мажите, како и финансиските импликации.
Посебно значење има забрзаната реализација на буџетските средства наменети за јавното здравство и за набавка на неопходни ресурси и опрема за заштита. Во овие активности може да бидат вклучени и општинските буџети, преку соодветни ребаланси засновани на детални проценки на реалните потреби.
Мерките за справување со кризата треба да ги земат предвид различните потреби на жените и мажите и да бидат креирани на начин што нема дополнително да ја продлабочува постојната родова нееднаквост.
Во подготовката на анализата придонес дадоа Радар, ЕХО – Штип, Гласен Текстилец, Рурална Коалиција, Движење против хендикеп „Полио плус“ и Националната мрежа за борба против насилството врз жените и домашното насилство.

