Од 13 до 15 ноември 2026 година, во Охрид, Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип, во рамките на програмата за развој на вработени и персонал, организираше тридневна обука на тема „ВИ во дизајн“, наменета за млади волонтери и вработени во здружението.

Целта на обуката беше учесниците да стекнат практични знаења и вештини за користење на вештачката интелигенција и дигиталните алатки при креирање визуелни материјали и кампањи за подигнување на свеста за човековите и работничките права.

Под водство на обучувачката Мартина Илиевска, учесниците се запознаа со можностите на ChatGPT и Canva, правилното формулирање промптови, основите на визуелната комуникација и одговорното користење на вештачката интелигенција.

Преку практична работа во мали групи се изработуваа објави и сториња за социјалните мрежи, инфографици, постери, флаери и промотивни материјали. Посебно внимание беше посветено на визуелниот идентитет на „Гласен Текстилец“, јасноста на пораките, проверката на информациите и избегнувањето стереотипи.

Учесниците развиваа креативни решенија за кампањи поврзани со работничките права, солидарноста, родовата еднаквост и волонтерството, применувајќи ги стекнатите знаења во конкретни дизајни.
 
Обуката придонесе за унапредување на дигиталните и креативните вештини, поттикнување на тимската работа и зајакнување на капацитетите на младите волонтери и вработените за поефективна визуелна комуникација.

Оваа активност е дел од проектот „Институционално и економско зајакнување на жените и девојките од источниот регион“, којшто го имплементира Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ – Штип. Проектот е финансиски поддржан од The Kvinna till Kvinna Foundation и Шведска. Содржината на оваа објава е единствена одговорност на „Гласен Текстилец“ – Штип.

 

Објава на Facebook.