На 11 септември 2026 година, Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип и Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставуваат основите за заедничко делување и реализација на активности од заеднички интерес.
Соработката ќе биде насочена кон подобрување на квалитетот на животот, социјалната инклузија и еднаквите можности за лицата со попреченост, жените во ризик и старите лица, како и кон нивно економско и општествено зајакнување. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на социјалните услуги, пристапот до здравствена и социјална заштита, родовата еднаквост, можностите за вработување и поголемото учество на овие групи во општествениот живот.
Во рамки на Меморандумот е предвидено заедничко планирање и реализација на проекти и програми, размена на информации и добри практики, организирање обуки, работилници, јавни дебати и конференции, како и подготовка на заеднички иницијативи и кампањи. Двете организации ќе соработуваат и при учество на домашни и меѓународни повици за финансирање и ќе обезбедуваат меѓусебна стручна и техничка поддршка.
Меморандумот е склучен за период од пет години, со можност за продолжување по взаемна согласност, а претставува уште еден чекор кон градење посилни партнерства меѓу граѓанските организации и создавање поинклузивна и поправедна заедница.
Меморандумот е изработен во рамки на проектот „Заедно сме посилни 2“, имплементиран од страна на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, финансиски поддржан од The Kvinna till Kvinna Foundation.

