Во петокот на 24 јуни, амбасадата на Франција ја организираше во Битола четвртата и последна локална тематска конференција во рамките на Француското претседателство со Советот на ЕУ. Пред публика од млади луѓе, оваа нова конференција се фокусираше на предизвиците на социјална Европа.
Еден од главните приоритети на француското претседателство со Советот на Европската унија е воспоставувањето нов европски модел на раст, со цел Европа да стане голем континент на производство, на отварање на работни места, на иновации технолошки напредок, кој им нуди на работниците квалитетни работни места, квалификувани и подобро платени, но и подобра заштита во поглед на ризикот од појава на „социјален дампинг“. Што се однесува до овој социјален сегмент, француските приоритети особено беа насочени кон воспоставување на европско законодавство за минималните плати, како и рамка за правична застапеност на жените и мажите во управните одбори на компаниите. Оваа четврта и последна конференција, организирана од Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Француската алијанса во Битола, во рамките на Француското претседателство со Советот на ЕУ, ќе даде осврт на главните социјални предизвици (борбата против сите видови на дискриминација, условите за работа, минималната плата, итн.) со кои се соочуваат граѓаните на земјите-членки на ЕУ, како и на земјите кандидати.
На конференцијата учествуваа:
- Н.Е. г. Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција;
- Жак Ландрио, Потпретседател на Економско-социјалниот совет и за животна средина;
- Иго Бештел, Директор на Францускиот институт во Скопје;
- Јована Тренчевска, Министерка за труд и социјална политика;
- Јагода Шахпаска, поранешна министерка за труд и социјална политика;
- Кристина Ампева, Претседателка на “Гласен Текстилец“.
Во прилог говорот на претседателката на Гласен Текстилец, Кристина Ампева:
Социјална Европа: активности и размислувања на синдикатите на вработените во текстилната индустрија.
Ризик од социјален дампинг или во социјален дампинг живееме од распадот на Југославија, ако сме искрени и ги кажуваме работите како што се. Ќе зборам за текстилната индустрија во мојот град и цела држава која на времето била предводник на оваа индустрија во европски па и светски рамки. Сме имале наши македонски брендови и не сме имале скоро па воопшто производство на туѓи брендови, или така нареченото лон производство. Сега работиме за европските модни брендови, нашата индустрија се базира на 95 % лон производство, а тоа е дека ни се носат материјали и репроматерија а овде се користи единствено работната рака на текстилната жена работничка. Ако бидеме искрени ќе кажеме и евтината работна сила на работничката, пропратена со мобинг, кршење на човекови и работнички права, незакоснки откази, дискриминација по основ на бременост, родителство и болест. Условите за работа, притисокот на работното место, ниските плати, мобингот, немањето на модернизација и автоматизација во производството е само нус појава од тоа што зависиме од центите за изработено парче облека за европските брендови. Начинот и европското законодавство и македонското законодавство за минимална плата, е нешто кое ние во Македонија како здружение го започнавме во 2016та со тогашната опозиција а сега власт овде. Бидејќи до 2017 година ние имавме во текстилната индустрија плата од 9000 денара со исполнета норма/квота, која беше пониска за разлика од сите други сектори, и во приватен и во јавен. И тоа е добро законодавство, да имате гарантиран минимум. Но тоа не треба да биде нешто кое ни 20 посто не ги задоволува потребите на едно семејство.
Ќе ја спомнам Југославија пак и ќе кажам дека порано текстилната индустрија значела еманципација на жената, а сега е спротивно , анти-еманципација. Порано со една плата работниците во приватен сектор си дозволувале студирања на децата, квалитетно образование, здравство, одмор на море. Сега со една плата во текстил не можете да си дозволите ни сметките, режиските трошоци и кредитот да си ги платите.
Сето тоа е благодарение на немањето на стратегии за определена индустрија, тоа што дозволивме квалификуваната текстилна работничка сега да биде понижена, обесправена, да работи шест дена во неделата за минимална плата од 300 евра. Секоја чест на исклучоци. А европјаните купуваат модни парчиња на кои пишува made in Europe мислејќи дека е направено тоа парче под нормални услови за достоинствена плата. Ретко каде низ годините имаме примери на етикета Made in Macedonia. Бидејќи свеста на европјаните и конзумеризмот особено е на сосем друг левел.
Дополнително, конкуренцијата од Кина и Индија е проблем каде знаеме дека исто има евтина работна сила, но последните години по пожарот во фабриката Рана Плаза во Бангладеш се појавија голем број на европски организации кои ги зајакнаа здруженијата и синдикатите и активно работат на кампањи во земјите каде се продаваат облеката и чевлите. Платата е сериозно покачена последните години и веќе се доближува во земјите од Балкан кои имаат перфектна географска местоположба , квалификувана работна сила и брзината за испорака е ден- два до земјите нарачатели.
Има некои поместувања поради тоа што истите тие мрежи кои се особено активни во земјите производители од кои мрежи и нашето здружение е дел и кои прават сериозни притисоци и врз брендовите, и врз самата Европска Унија, но и најнов притисок и закон е German Supply Chain Law on Human rights due diligence.
Овде нема да спомнам дека сериозно и државата, министерствата и институциите дозволуваат прекршувањата на работничките права да минат со воопшто или минимални последици. Па еве ќе споменам само дека во време на корона кризата многу откази беа незаконски а институциите потфрлија. Ќе напоменам дека како и секоја држава, така и нашата , даде сериозни финансии на приватниот сектор за да се задржат работните места и бидат исплатени плати. Во време на прогласена вонредна , кризна состојба, беа дадени финансии на фирми со милионски профити, беа дадени финансии на компании кои не исполнуваа услови, а најболно за една правна држава е дека огромна сума на финансии од државниот, народниот буџет завршија во џебовите на газдите и за сето тоа немаше да има трага ни глас ако не беше нашето здружение да објавува докази, да пишува пријави до институциите, да прозива преку медиумите и прави притисок. На крај кога конечно се слушна и беше потврдено нашето укажување за кражба во вонредна состојба на народниот буџет , јавното обвинителство кај себе ги имаше доказите во август 2020. До денес јавноста, ние , македонските граѓани не знаеме за никаков исход во постапката. А ние збориме за реформи во јавна администрација и судство. Збориме за социјална држава по Устав и грижа за граѓаните. Збориме овде со власти кои сметаат дека ако сме гласни и се грижиме за работникот , за достоинствен живот и плата, дека можат да не исфрлат од нивниот социјален дијалог поради некаква си синдикална репрезентативност.
Во 4 години пред 2021 година имаше зголемување на социјален дијалог и почитувањето на меѓународните конвенции како Global Deal, допринесе не само до енормно зголемување на пријави од работници за прекршени права, зголемена доверба во институциите и резултати од терен, туку и до зголемување на почитување на работнички права и бројот на социјално одговорни компании почнаа да се зголемува.
Наспроти тоа во изминатата година ипол и она на што укажавме е намалувањето на социјален дијалог кој беше пракса сега почнува да го снемува и истото се чувствува на терен не само во работата на институциите, туку и кај самите работодавачи. Секое намалување на почитување на конвенциите на кои нашата држава се обврзала, ќе значи ново враќање во минатото.
Го поттикнуваме социјалниот дијалог и апелираме на отворени и транспарентни институции , намалување на корупцијата. Социјален дијалог со вклучување на сите чинители, а не само на ентитети останати од социјализмот со стари методи и видувања. Ако сакаме да бидеме членка на ЕУ, само социјално одговорно компании ќе преживеат. Ова истото важи и за политичките и државни институции. Работата на нови закони, правила и спроведување на нови и европски пракси, ќе ни помогне да излеземе од 30 годишна замка и социјален дампинг да остане долна граница под која не смееме да одиме.
Она што е потребно е ако не ние, тогаш вие како земји нарачатели во овој синџир на производство сериозно да ја туркате агендата за плата за живот. Бидејќи како и граѓаните на Франција, на Германија на било која држава за која шиеме и како земја и како цел Балкан, заслужуваме плата за живот, корпоративна одговорност од вашите брендови и грижа за работниците во синџирот на производство.
Повеќе слух за стандардот на живи суштества во фабричките хали на земјите нарачатели, поголема соработка и почести комуникации се нешто што ќе придонесе да не сме Бангладеш на Балканот, него секој да ја преземе одговорноста која и те како ја има.
Ви благодарам..